Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, бара предвремени избори есенва. Причина е фактот што власта нема мнозинство за уставните промени. Според него, мнозинството сака да остане на власт со одолговлекување на гласањето за потребата од отворање на Уставот. Тој, повтори и оти треба да се замени формулацијата „20%“ во Уставот, вели Гаши за Алсат.
Прашање: Г-ин Гаши, добредојдовте во ова интервју за вестите на Алсат. Кажете ми ве молам како ќе дејствувате како опозициски фронт во следниот период во однос на уставните измени?
„Како што кажавме од почетокот и Алтернатива и другите партии со кои сме во ова фаза на опозициска соработка за создавање на фронт или коалиција, нашата намера е уставните измени да се случат час поскоро. Но, се гледа дека владиното мнозинство го одолговлекуваше процесот досега и не сака да ја стави на гласање оваа иницијатива. Со тоа купуваат време за што подолго да останат на власт. За нас беше многу важно да се сфати кој е пристапот на мнозинството и тоа не само за нас, туку сакаме да знаат граѓаните дека ова мнозинство кое зборува само за Европа, тие се грижат само за да останат на власт, за нивните партиски интереси, кај корупцијата и другите скандали кои секој ден се откриваат. Од уста не ја вадат Европа, но ни најмалку работа за Европа. Ова е тоа што граѓаните треба да видат дека ова се случува со парламентарното мнозинство. Опозициските партии се посветени и една од основните принципи врз кои е направена оваа коалиција е токму европскиот пат. Ние сакаме што поскоро да бидат изгласани уставните измени, да се отворат поглавјата за членство во ЕУ и што поскоро да станеме членка на ЕУ“; вели Гаши.
Прашање: Кое е вашето барање во однос на 20%. Дали тоа е услов или едноставно е барање кое треба да се разгледа?
„Видете, после 2018 година Уставот се отвора по втор пат. Во 2018 година кога беше многу важно за регионот, за стабилноста, да се отвори Уставот според Преспанскиот договор и да станеме членка на НАТО, партиите на Албанците сите без исклучок беа за бришење на оваа навредувачка формулација за Албанците и за албанскиот јазик. Ние имавме разбирање и се согласивме тој договор да помине и гласавме за уставните измени со што станавме членка на НАТО. Но, сега веќе е втор пат и ние повеќе немаме разбирање за ова одолговлекување. Сега мислам дека нема никаква причина. Ниедна македонска партија било од власта или опозицијата не излезе со јасен аргумент зошто треба да бидат против бришење на оваа формулација. Бидејќи се отвора Уставот, сите партии и македонските и албанските велат дека ова навистина е навредлива формулација, тогаш зошто не се прави ова? Ние сме максимално посветени да не дозволиме да чекаме некое друго отворање на Уставот, а сега да помине без да се избриши оваа навредлива формулација за албанскиот јазик. Ќе правиме сè за на крај да се подобри и формулацијата за албанскиот јазик, но и амандманите за борба против политичката корупција, да се стават во Уставот како една од важните европски вредности и една од најважните цели на сегашната и идната влада, тоа да биде приоритет, борбата против оваа појава“, вели Гаши.
Прашање: Се надевате на уставни измени, но броевите не ветуваат многу. Ако не поминат уставните измени, како ќе лобирате и како ќе барате нови гласови?
„Ако не поминат уставните измени во оваа фаза, ако не се гласа за потребата за уставни измени, тогаш ќе биде евидентно дека нема двотретинско мнозинство за да се продолжи со процесот. Тогаш нема никаква смисла оваа Влада, ова владино мнозинство и овој состав на Парламентот, не за Владата, туку составот на Парламентот, ние треба да сфатиме дека овој состав на Парламентот не сака да се направат уставните измени. Тоа што треба да го направиме ние е итно да одиме на избори, да имаме нов состав. На избори сите партии ќе се соочат со своите гласачи за уставните измени, сите би добиле согласност да влезат во овој процес и после изборите јас сум убеден дека новиот парламентарен состав ќе ги изгласа уставните измени. Идејата е на есен да има избори и на крајот на есента да имаме нов состав на Парламентот и да продолжат со процесот таму кај што е застанат, да гласаме за потребата за уставни измени за веднаш потоа да се отворат поглавјата и да продолжи процесот за што поскора интеграција на земјата во ЕУ“, вели Гаши.
Прашање: Можеби е рано, но дали можеби сте размислувале дали Алтернатива на следните избори ќе настапи сама или со заеднички листи со другите партии од опозицискиот фронт?
„Нема никаква дилема дека ние сме посветени да градиме широк европски фронт, со европски вредности на кој главен елемент ќе му биде интеграцијата во ЕУ, но како главен елемент ќе му биде и борбата против корупцијата, затоа што граѓаните сакаат земјата да биде во ЕУ, но сакаат тоа да биде без корупција и кражба. Ова ние се обидуваме да им го понудиме на граѓаните како широка коалиција, да ја испратиме ДУИ во опозиција, затоа што е потврдено дека има големи проблеми со оваа точка. И Американскиот Стејт департмент стави на црната листа неколку членови на таа партија поради тоа што секој ден излегуваат нови афери за ова партија, но и поради фактот дека сме заглавени во овој момент. Тоа е доказ дека Албанците бараат друг фронт и друг пат за продолжување на европскиот пат, но без крадење и без корупција. Алтернатива е посветена на овој пат и ќе направиме сè што е во наша моќ како партија, заедно со Движењето Беса и Демократското движење, но и со други субјекти. Ќе ги поканиме сите интелектуалци, невладините организации, сите луѓе со добра волја кои ѝ го сакаат доброто на оваа земја, да ни се придружат и да ја направиме оваа многу очекувана промена за Албанците“, вели Гаши.