Со цел да излеземе во пресрет на комерцијалните банки и да им ја олесниме наплатата на доспеаните обврски по основ на кредити и камати од угостителите и угостителските работници денес со е-пошта доставивме иницијатива до Анита Ангеловска-Бежовска, Гувернер на Народна банка на РМ за промена на законска регулатива, одлуки, акти и останати законски прописи со кои ќе им се овозможи и наложи на банките да направат одложување и отпишување или репрограмирање на сите доспеани обврски и кредити на друштвата и нивните вработени од угостителска индустрија за период од најмалку една година од завршетокот на пандемијата Ковид-19.
Угостителите и вработените во угостителската индустрија се корисници на безмалку 100тина милиони евра комерцијални краткорочни и долгорочни кредити од македонските банки. Скоро да не постои угостител или угостителски работник корисник на разни кредити кои минатите месеци секојдневно не се соочува со притисоци на телефонски јавувања и други опомени од банките за плаќање доспеани обврски по основ на кредити, камати и рати.
Факт е дека роковите од минатата година со кои се направени репрограмирање од страна на банките завршија, но пандемијата Ковид-19 сеуште трае со што угостителите и вработените во угостителската индустрија повторно се соочуваат со предизвици да ги исполнуваат обврските по основ на рати и камата во услови кога работат со половични капацитети и ограничено работното време со посебен режим на строги препораки и протоколи за работа или им е забранета во целост вршењето на дејноста. Со оглед дека ниедна комерцијална банка ниту Народната банка не превземаат активности за промена на законска регулатива, одлуки, акти и останати законски прописи со кои ќе им се овозможи на банките да направат одлагање, отпишување или репрограмирање на доспеани обврски – рати за кредити и камати на најзагрозените индустрии кои трпат енормни последици, штети и загуби поради пандемијата ковид-19 ја поднесовме оваа иницијатива до Гуверенерот на Народна банка, а копии од истата доставивме и до сите банки, Претседателот на РМ, Претседателот на Влада на РМ, Министерот за финансии и Министерот за економија.
Се надеваме дека оваа иницијатива ќе биде прифатена со што ќе се изнајдат начини и модели да се отпишат дел од долговите по основ на камати, да се одложат и репрограмираат сите доспеани обврски заклучно до 30.04.2021 год. и да се овозможи дополнителен грејс период на исплата на рати заклучно со 30.04.2022 година со што би им се овозможило не само на угостителите, туку и на угостителските работници да ги стабилизираат своите приходи, изнајдат сили да ги подмират другите доспеани обврски и да ја сочуваат и продолжат својата работа и егзистенција со насмевка и ведрина.