Древна бактерија отпорна на десет антибиотици
Во ледот на пештерата Скаришоара во Романија е откриена супербактерија стара околу 5.000 години, отпорна на десет од современите антибиотици, пренесува Билд. Истражувачите пробиле цилиндар во подземен глечер долг 25 метри, а делот од мразот што го испитувале лежел на длабочина од 16,5 метри. Со метод на датирање, утврдиле дека мразот е стар речиси 5.335 години.
Во овој древен слој мраз, научниците откриле бактерии, вклучувајќи го и видот „Psychrobacter sp. SC65A.3“. Лабораториските тестови покажале дека десет антибиотици не влијаеле на бактеријата, вклучувајќи ги и лековите со широк спектар. Геномската анализа открила повеќе од сто сегменти поврзани со отпорност на антибиотици, што покажува дека оваа способност не е нов феномен туку постои илјадници години.
Супербактеријата инхибира раст на други микроорганизми
Покрај отпорноста, бактеријата покажала способност да го инхибира растот на други бактерии во лабораториски услови. Кога била одгледувана со медицински важни микроорганизми, таа го ограничила ширењето на повеќето од 20 тестирани видови, вклучувајќи бактерии кои често предизвикуваат инфекции во болници.
Научниците потенцираат дека ваквите ледените пештери може да бидат потценети резервоари на гени за отпорност и природни супстанции со антибактериско дејство. Во моментов се истражуваат специфични супстанции одговорни за инхибиторното дејство на бактеријата, кои би можеле да послужат како основа за развој на нови лекови против тешко лечливи инфекции.
Пештерата Скаришоара – природно чудо на Романија
Пештерата Скаришоара, една од најголемите ледени пештери во планините Апусени во западниот дел на романските Карпати, се смета за туристичка атракција и едно од природните чудa на Романија. Откривањето на супербактеријата ја истакнува научната вредност на ваквите подземни и ледени екосистеми.
