Голема полициска акција утрово се спроведува во Скопје, Тетово и Куманово, каде што припадници на Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност вршат претреси на повеќе од десет локации. На удар на истражните органи се одговорни лица од приватната болница „Санте“, како и сегашни и поранешни функционери и вработени во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).

Неофицијално, меѓу лицата опфатени со истрагата е и поранешниот директор на ФЗО, Ден Дончев, кој се наведува како првопријавен во случајот.

Според неофицијалните информации, штетата врз буџетот надминува 1,5 милиони евра, додека противправно стекнатата материјална корист за болницата се проценува на околу 4 милиони евра. Оштетени се и поголем број пациенти кои се лекувале во болницата.

Во неофицијалните информации за случајот се споменуваат и Ридван А., поранешен претседател на Управниот одбор на ФЗО, Весна Ќ., поранешна управителка на болницата „Санте“, како и Салих Б., поранешен сопственик и овластено лице во болницата.

Меѓу лицата кои се наведуваат како опфатени со истрагата се и Селма А., сегашна управителка на болницата, и Гериана А., поранешна директорка на здравствената установа.

Истрагата, според неофицијалните информации, опфаќа и лица кои извршувале раководни функции во Фондот за здравствено осигурување. Меѓу нив се Цветен С., поранешен раководител на Секторот за контрола во ФЗО, Жаклина С., поранешна директорка на подрачната единица на ФЗО во Скопје, како и Ирена П., актуелна раководителка на скопската подрачна единица.

Според првичните сознанија, се истражуваат сомнежи за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари.