Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 9 отсто во 9:30 часот, губејќи ги сите вчерашни добивки.

Утринава лондонскиот FTSE индекс се лизна за 0,97 отсто, на 7.040 поени, додека франкфуртски DAX падна за 1,11 отсто, на 15.110 поени, а париски CAC 1,11 отсто, на 6.698 поени.

Откако вчера овие индекси надополнија дел од петочните загуби, утрово повторно остро паднаа.

Падот дојде откако Стефан Бансел, извршен директор на Модерна, компанија што произведува вакцини против коронавирус, предупреди дека постоечките вакцини ќе бидат многу помалку ефикасни против Омикрон и дека може да поминат месеци пред фармацевтските компании да можат да произведат повеќе вакцини што ќе дејствуваат.

-Мислам дека нема шанси ефикасноста да биде на исто ниво како што ја имавме со Делта варијантата, рече Бансел во интервју за Фајненшл тајмс.

Цените на акциите утринава паднаа и на азиските берзи, трет ден по ред, па MSCI азиско-пацифичкиот берзански индекс, без јапонскиот, беше во минус од 0,45 отсто на околу 9,30 часот.

На токиската берза индексот Никеи се лизна за 1,6 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Хонг Конг паднаа меѓу 1,1 и 1,8 отсто. Во Шангај и Австралија берзанските индекси стагнираат.

Рано утрово, индексот на азиските пазари MSCI порасна за околу 0,5 отсто, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од вчерашното закрепнување на цените на акциите на Волстрит и на европските берзи.

Но, по изјавата на извршниот директор на Модерна, повеќето азиски берзи ги загубија претходните добивки и паднаа на негативна територија.