Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда во предметот познат во јавноста како „Талир 2“, во кој обвинет беше поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Иако самата партија ВМРО-ДПМНЕ воопшто не била обвинета во оваа постапка, во рамките на предметот се барала конфискација на нејзиниот имот.
Обвинението било изменето по промените на Кривичниот законик
Судската постапка продолжила со изменето обвинение по измените на Кривичниот законик од 2023 година. Со законските промени, „искористувањето“ на службената положба било декриминализирано како начин на извршување на делото.
Поради тоа, обвинението било изменето и се однесувало на пречекорување на службените овластувања и неизвршување на службената должност, а била вметната и намерата како посебен елемент на кривичното дело.
Судот посочува дека доказите, фактите и заклучоците на обвинителството останале исти и покрај суштинската промена на обвинението.
Не било докажано пречекорување на конкретно овластување
Според образложението на судот, обвинителството не докажало дека било пречекорено конкретно службено овластување.
Во обвинението биле наведени ограничувања од Законот за финансирање на политичките партии и Законот за облигациони односи, но судот оценил дека пречекорувањето на законските ограничувања не може да се поистовети со пречекорување на службените овластувања.
Исто така, не биле понудени ниту изведени докази со кои би се докажала намерата како посебен елемент на делото.
Ослободителната пресуда е последица на законските измени
Судот нагласува дека ослободителната пресуда е директна последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година, кои довеле и до укинување на претходната првостепена пресуда.
Иако пресудата е различна од претходната, судот посочува дека доказите, утврдените факти и нивната оценка останале непроменети.
Со одлуката падна предметот во кој ВМРО-ДПМНЕ не била обвинета страна, а сепак се барала конфискација на нејзиниот имот.
Против пресудата странките имаат право на жалба до повисокиот суд.
Целосната објава може да ја прочитате ТУКА.
