Цените на нафтата паднаа под 77 долари на меѓународните берзи, под притисок од неочекуваниот пораст на залихите во САД што ја поттикна загриженоста за побарувачката.
На лондонската берза цената на барелот по пладне беше пониска за 60 центи отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 76,84 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по пониска цена за 69 центи, од 73,02 долари.
Трговците денеска се фокусираа на извештајот на Американскиот институт за нафта (API), кој, според пазарни извори, покажал раст на залихите на сурова нафта во САД минатата недела за околу 3,6 милиони барели. Залихите на бензин исто така се зголемени за 399.000 барели.
Аналитичарите прогнозираат дека извештајот на API ќе покаже благ пад на залихите на сурова нафта, за 900.000 барели и пад на залихите на бензин за 1,2 милиони барели. Официјалните податоци од американската влада ќе бидат објавени во текот на денот.
Неочекуваниот пораст на залихите во САД и намалениот кинески увоз на сурова нафта и послабиот раст на извозот во април ја поттикнаа загриженоста за глобалната побарувачка на нафта. Пазарот денеска внимателно ќе ги испита податоците за инфлацијата во САД за април. Податоците покажале дека годишната стапка на инфлација останала речиси непроменета и изнесува 4,9 отсто. На месечна основа, растот на цените забрзал. Во такви услови, американската централна банка би можела да ги задржи каматните стапки на покачени нивоа.