Владејачкото мнозинство повторно демонстрира самоволие и го приватизира законодавниот дом, истакна денеска пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова.

Посочува дека денеска во Собранието започна јавната расправа по Предлог законот за вршење на сметководствени работи, која што ја побара пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, по претходни реакции и барања на сметководителите и фелата.

-Но, сето ова ќе беше во ред доколку владејачкото мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ не ја опструираше редовната процедура и воспоставена пракса и не ја игнорираше опозицијата. Токму затоа, потенцираме и сакаме да ја информираме јавноста дека Комисијата за европски прашања каде што на дневен ред е одржувањето на јавната расправа, е нетранспарентно свикана, без можност опозицијата да даде свои предлог гости и експерти. Исто така, уште еден апсурд е тоа што дури и денот на одржување на истата е без согласност на предлагачот т.е. опозицијата. Исто така, нетранспарентноста и неискреноста во одржувањето на оваа јавна расправа се гледа и преку фактот што претседателот на комисијата г-динот Арбр Адеми очигледно сака набрзина да го помине законот и оваа јавна расправа, бидејќи веќе за утре е закажана Комисијата за европски прашања, а рокот за поднесување на амандмани беше до вчера до 16:00 часот, вели Панова.

Пратеничката истакнува дека до нив пристигнале бројни рекации од лица од фелата кои велат дека ненавремено и во последен момент биле известени за оваа јавна расправа, а имале желба да присуствуваат и учествуваат.

-Очигледно, со оваа јавна расправа власта се обидува да си направи приватна забава за која чисто формално ќе се пофалат дека ја реализирале и дека го слушнале гласот на сметководителите. Сепак, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ова да остане незабележано и затоа го прашуваме претседателот Адеми и владејачкото мнозинство, како тие знаат кои ќе бидат забелешките од оваа јавна расправа? Дали воопшто ги интересираат забелешките од фелата кои ги имаат на Предлог законот ? И како и кога ќе ги вметнат тие забелешки кога веќе утре е закажана комисијата? Поради сите овие нелогичности, ние како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ бараме утрешната Комисија за европски прашања да биде одложена за некој друг ден т.е. додека не се добијат забелешките од фелата, кои би биле имплементирани во Законот.
Ова е нашето барање за кое се надеваме дека власта ќе има слух и ќе го прифати. Доколку не го стори тоа, уште еднаш ќе докаже дека сака да го протне овој закон на мала врата и дека сето ова е само евтин популизам за ќарување на ситни дневно-политички поени, нагласува Панова.