ВЛЕН со остра реакција до партијата ДУИ, обвинувајќи ја дека по 22 години власт, денес се обидува да се претстави како жртва, барајќи истрага исклучиво за трагедијата во Кочани, но молчи за низа претходни несреќи. Од ВЛЕН порачуваат дека нема да дозволат селективна правда и политичка манипулација со човечките трагедии.
„Партијата ДУИ, по две децении на апсолутна власт и систематско разградување на правосудството, денес се обидува да глуми жртва, барајќи истрага само за трагедијата во Кочани“, се наведува во реакцијата на ВЛЕН.
Тие посочуваат дека граѓаните не забораваат кој го претворил правосудниот систем во инструмент за заштита на партиски интереси.
„Кој го создаде овој расипан систем? Кој со години ги штитеше криминалците? Кој ги претвори судовите и обвинителствата во приватни канцеларии на политичките елити?“, прашуваат од ВЛЕН.
Од партијата порачуваат дека нема да дозволат вистината да се манипулира и бараат системска истрага, а не селективен пристап зависен од дневнополитички интереси.
„ВЛЕН нема да дозволи вистината да се користи како политичка алатка. Бараме формирање анкетна комисија за сите трагедии во изминатите години – од Ласкарци, преку модуларната болница и Беса Транс, па сè до Кочани. Нема да дозволиме партијата ДУИ да одлучува кои жртви заслужуваат правда, а кои треба да останат заборавени“, стои во соопштението.
ВЛЕН остро ја обвинува партијата ДУИ за постојани манипулации со трагедии, обидувајќи се да ја префрли вината и да се дистанцира од последиците на долгогодишното владеење.
„Доста беше со политички игри. Граѓаните јасно знаат кој ја создаде оваа корумпирана структура и кој долги години ја прикриваше неправдата. ВЛЕН ќе продолжи да се бори за вистинска правда, не за фарси во режија на партија што одамна е дел од минатото“, додаваат од ВЛЕН.
Извор: Republika