Движењето „За наша Македонија“ (ЗНАМ) попладнево остро реагираше на забелешките од Левица дека е неправедно исклучена од можноста за платено политичко рекламирање на локалните избори 2025 година.
„Средствата за рекламирање се распределени врз основа на Упатството на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и насоките на Државната изборна комисија (ДИК). Сè е транспарентно, по јасни правила и закони, а не по желби и апетити на алчни политичари. Нема простор за плачење и театар“, велат од ЗНАМ.
Во нивната реакција, особено се упатуваат остри критики кон лидерот на Левица, Димитар Апасиев. „Апасиев е револуционер на фејсбук-статуси, а во реалноста евтин шибицар кој држи лекции за правда. Човек што до вчера беше советниче со дебел хонорар во СЈО-институција, чиј начин на работа создаде серија сомнежи и контроверзии, а денес својата партија ја третира како личен банкомат, како личен џеб – по принципот кога сакам вадам, кога сакам трошам“, стои во реакцијата на ЗНАМ.
Оттаму му порачаа на Апасиев:
„Пред да држи лекции, нека го заврзе џебот, оти таму е неговата единствена револуција, во парите што ги вади за себе и за неговата дружина. Оди кај Венко Филипче, човекот со златна виза подготвен за бегство од државата и мераклија за јахти по Медитеранот. Ти и тој сте совршен тандем – еден краде од здравството, друг краде од сопствената партија. И двајцата на крајот ќе завршите на поклон и баци рака кај вашиот газда Али Ахмети, каде што секогаш завршуваат продадените души. Народот гледа и знае“.
Од Левица, пак, порачаа дека правниот тим на партијата ќе поднесе кривични пријави против сите членови на ДИК и Советот на ААВМУ за нанесена материјална штета, а лидерот Апасиев најави и постапка пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе му отстапи дел од својот простор за рекламирање на ЗНАМ, бидејќи во Куманово и во Центар настапуваат со заеднички кандидати за градоначалници.