Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Јан Липавски, министер за надворешни работи на Чешката Република, кој престојува во посета на Република Северна Македонија.
На средбата беа разменети мислења за севкупните односи меѓу двете држави, кои се пријателски, со интензивен политички дијалог на високо ниво.
Во однос на аспирациите за членство во Европската Унија, претседателот Пендаровски се заблагодари за постојаната чешка поддршка во однос на политиката на проширување и во тој контекст беа разменети мислења за текот на билатералниот скрининг со ЕУ.
На средбата се разговараше за актуелните состојби во регионот на Западен Балкан, при што претседателот Пендаровски истакна дека стабилноста и безбедноста на регионот, како и неговиот демократски развој, се потпираат на европската перспектива и во таа насока посочи на потребата ЕУ да го задржи фокусот кон регионот.
Претседателот Пендаровски и министерот Липавски разговараа и за состојбата во Украина, партнерскиот одговор на НАТО сојузниците, како и активностите на македонското претседателство со ОБСЕ во тој контекст.