Претседателката на Унија на Жени на ВМРО-ДПМНЕ, лобистот за женските права, пратеничката Жаклина Пешевска, смета дека носењето на изборните реформи оди во корист на жените политичарки. Жените го сочинуваат половина од населението и затоа вели Пешевска, треба да бидат и еднакво застапени во сите процеси коишто водат кон развојот на едно општество и држава.
Пешевска смета дека треба да има “отварање“ на Уставот со што би се намалил бројот на пратеници од 120 на 90, а оваа уставна измена оди исклучиво во корист на граѓаните на Македонија.
Лидер: ВМРО-ДПМНЕ ги финишира разговорите со парламентарните партии за Предлог-измените на Изборниот законик, со што Македонија станува една изборна едница. Според Вас, кои се слабостите на постоечкиот изборен модел а придобивките од една изборна единица?
-Преговорите за една изборна единица траат, слабостите и придобивките се исто така во фаза на преговори, треба да се дефинира прагот, кој исто така е дел од преговорите. За оваа најава на измена на изборниот законик која е во преговори, треба да ги користиме искуствата во другите држави, бидејќи кај нас имаме податоци добиени на база на симулации. Симулацијата направена врз основа на изборни резултати од парламентарните избори во 2016 година, покажува дека една изборна единица би влијаела позитивно на застапеноста на жените, односно би се зголемил бројот на жени-пратенички од 38 на 43 или би се зголемил за 5. Инаку, во однос на искуствата во другите земји: 28 земји од 33 членки на Европската унија имаат пропорционален модел, со повеќе изборни единици и со партиски листи. Само 4 држави имаат 1 изборна единица, отворени листи и тоа се: Холандија, Србија, Црна Гора и Словачка.
Кај нас благодарение на квотите од Изборниот законик имаме добра застапеност на жени-пратенички и советнички.
Значи и според препораките на Венецијанската комисија и нашето убедување е дека една изборна единица би влијаела позитивно на застапеноста на жените бидејќи има поголем простор за докажување и учество на жените, отколку во 6 изборни единици.
Во оваа измена на изборниот законик не станува збор за измена на квотите, така да можам слободно да кажам дека вака предложен законот, нема да влијае негативно на застапеноста на жени.
Лидер: ВМРО ДПМНЕ е иницијатор и за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90. Зошто сега , во овој период партијата се одлучи на вакво барање
-Предлогот да се намали бројот на пратеници од 120 на 90 е во насока на намалување на непродуктивните трошоци во државата и демократизација на општеството. Бидејќи секогаш пратениците се прва мета за напад за се во државата и еве шанса да почнеме од нив и да се смени тој впечаток. За намалувањето на бројот на пратеници од 120 на 90 има повеќе разумни и логични причини: поради голем број отселени луѓе од државата, дел од пратениците не функционираат и како општествено- одговорна партија во однос на кратење на непродуктивни трошоци во државата, но и пренамена на тие средства во полза на потребите на граѓаните, го предлагаме ова.
Лидер: Сметате ли дека овој Ваш предлог ќе наиде на поддршка од власта но и вашите коалициони партенери?
-Бидејќи траат преговорите, не можам прецизно да кажам дали власта ќе го прифати законот, има и секојдневни координативни информативни средби, така да се е во фаза на преговарање, додава Пешевска за Лидер.