Во очекување на формирањето на новиот владин кабинет и на интензивирање на комуникацијата со Бугарија со цел деблокирање на европскиот пат на земјава, Париз упати порака дека Скопје и Тирана не треба да се одвојуваат на нивниот пат кон интеграцијата во ЕУ, додека од Софија, каде не стивнуваат реакциите по „предлогот“ на лидерот на партијата Има таков народ (ИТН), Слави Трифонов за врзување на стартот на преговорите на Македонија со Унијата со укинување на визите за влез на бугарските граѓани во САД и прием на Бугарија во Шенген зоната, стигна информација дека советничката за надворешна политика на бугарскиот премиер Кирил Петков, Весела Чернева на 2 јануари го посетила Скопје.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на извори во Владата на Бугарија, Чернева била во Скопје по наредба на бугарскиот премиер Петков, со цел да се подготви неговата претстојна посета на Скопје во текот на овој месец.
Посетата на Петков се очекува по изборот на новата Влада во земјава, што според најавите би требало да се случи најдоцна до средината на овој месец, и по заседанието на Консултативниот совет за национална безбедност на Бугарија, што бугарскиот претседател Румен Радев го свика за 10 јануари посветено на „темата за Република Северна Македонија“.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи во понеделникот најави дека земјава очекува конструктивни разговори со новата бугарска Влада и брзо деблокирање на евроинтегративниот процес.
– Важно е да се врати довербата и да се разговара за суштинските прашања кои се на маса, порача Османи, нагласувајќи дека проширувањето на ЕУ не е само од интерес за земјава, туку и стратешко геополитичко прашање за Унијата.
Тој најави и конкретизирање на комуникацијата со Франција, како актуелен претседавач со Унијата, по формирањето на новата Влада во земјава.
– Веќе имам воспоставена комуникација и барање за посета и средба со највисоките француски власти… По формирањето на новата влада овде кај нас, односно во втората половина на јануари, ќе треба официјално да се воспостави таа комуникација, којашто и сега меѓувреме постои, за да се утврдат француските планови и позиции по однос на нивниот ангажман во овој процес, изјави Османи.
Во приоритетите за време на француското претседавање со ЕУ во првите шест месеци од годинава, не се наведени децидни ставови во насока на проширувањето на Унијата, што се врзува со предизборниот период во Франција во пресрет на претседателските избори во април и парламентарните во јуни, но сепак не се исклучува напредок по ова прашање имајќи предвид дека и самиот француски претседател Емануел Макрон минатиот месец порача дека не можно градење на „Европа на мирот во следните 50 години, ако Западниот Балкан биде оставен онака како што е денес“ и најави конференција за регионот во јуни годинава.
Откако амбасадорот на Франција во земјава, Сирил Бомгартнер, кој на собраниска седница на 13 јануари ќе ги презентира приоритетите на француското претседателство со ЕУ, минатиот месец порача дека може да се очекува Париз да преземе чекори за олеснување на дијалогот меѓу Софија и Скопје, односно иницијатива за придвижување на работите, се огласи и неговата колешка во Тирана, Елизабет Барсак, која изјави дека Албанија и Македонија не треба да се одвојуваат на нивниот пат кон интеграцијата во ЕУ.
– Во однос на ова прашање, верувам дека треба да ја надминеме идејата дека овие два народа можат да се разделат. Знам дека многумина велат оти овие две земји треба да се раздвојат, бидејќи работите не одат толку добро меѓу Северна Македонија и Бугарија. Ова треба да се надмине и треба да дадеме се од себе за да може двете меѓувладини конференции да се одржат во исто време, изјави француската амбасадорка во Албанија, Барсак во интервју за Еуроњуз Албанија, потенцирајќи дека желбата за раздвојување на двете земји доаѓа од „фрустрацијата поради ветото на Бугарија за Северна Македонија“.
Изјавата на Берсак следи по новогодишното обраќање на албанскиот премиер Еди Рама до нацијата на 31 декември, во кое најави дека ќе се обиде „да го одвои патот на Албанија од Северна Македонија“, доколку Бугарија опстои на своето вето.
Во меѓувреме во Софија не стивнуваат реакциите по фејсбук-објавите на лидерот на ИТН, Трифонов дека ако „Американците толку многу сакаат Северна Македонија да е во Европската Унија, тогаш нека направат на граѓаните на Бугарија да не им требаат визи за да одат во Америка, исто како на граѓаните на повеќето земји од Европската Унија“.
– Бидејќи сме полноправна членка на Европската Унија, Бугарија мора веднаш да стане членка на Шенген зоната. По чекање и чекање и ние треба да бидеме Европејци. Сега сме помалку Европејци од вистински Европејци, наведе Трифонов, чија партија е членка на новата владина коалиција во Софија.
По реакциите во бугарската јавност на ваквиот став, Трифонов во нова објава на Фејсбук упати „дообјаснување“ кон земјава и кон партнерите на Бугарија во НАТО и ЕУ.
– Кон Република Северна Македонија: Вие задолжително треба да ги исполнувате сите точки од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што го потпишавте со Бугарија, вклучително и се што е поврзано со историјата на Бугарија, наведе Трифонов.
Според него граѓаните на Македонија „треба да си ги признаат историските бугарски корени“.
– Кон нашите партнери од НАТО и ЕУ: Штом толку инсистирате ние да ја поддржиме Северна Македонија за преговори за членство во ЕУ, постапете партнерски кон нас, штом сакате ние да сме ви партнери – без визи за САД и веднаш во Шенген. Мислам дека сега моето мислење како граѓанин на Бугарија е повеќе од јасно, наведе Трифонов во новата објавата на Фејсбук.
Коалициските партнери на Трифонов, Промената продолжува (ПП), Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Демократска Бугарија (ДБ) веднаш се оградија од неговиот став.
Координаторот на Пратеничката група на Промената продолжува (ПП) во бугарското Собрание, Андреј Ѓуров истакна дека Бугарија има јасен став и стратегија за односите со земјава.
– Имаме стратегија како да ги водиме разговорите – да ги водиме многу поинтензивно, на пошироко ниво, а не само во насока на историското минато. Целта е тоа да помогне да ги приближиме нашите позиции во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година. Ова е ставот на коалицијата и на ПП, изјави Ѓуров, додавајќи дека работите што ги споменува Трифонов не треба да се поврзуваат една со друга, бидејќи „тоа не функционира така на меѓународно ниво“.
Копретседателот на Демократска Бугарија, Атанас Атанасов, изјави дека нештата „не треба да се поставуваат на таков начин“, бидејќи укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД нема никаква врска со приемот на земјава во ЕУ.
– Членството на Северна Македонија во ЕУ е важно прашање за Бугарија. Мораме сериозно да го сфатиме ова прашање и да ги заштитиме нашите национални интереси. Да ги спроведеме договорите, рече Атанасов, додавајќи дека Демократска Бугарија не го поддржува предлогот на Трифонов.
Потпретседателот на Собрание на Бугарија и поранешен бугарски министер за надворешни работи Кристијан Вигенин, кој е член на БСП, исто така се огради од изјавата на Трифонов, посочувајќи дека во коалицискиот договор меѓу четирите партии има јасен став за европската перспектива на Република Македонија.
– Оваа тема останува еден од најголемите предизвици за Бугарија и за Владата во сферата на надворешната и европската политика. Одржувањето широк политички договор и соработка меѓу институциите е клучно за успешна одбрана на бугарскиот интерес, оцени Вигенин, потенцирајќи дека „секој збор е важен“ и изразувајќи надеж дека „импровизираните изјави“ ќе бидат сведени на минимум во оваа фаза, за да не се создаде лажна претстава за „пукнатини“ во бугарската позиција или меѓу коалициските партнери.
На изјавите на Трифонов реагираа и пратениците во нашето Собрание по седницата на Националниот совет за евроинтеграции. Претседателот на Советот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски оцени дека е непримерно и недозволиво што Министерството за надворешни работи не реагирало на ставовите на Трифонов.
– Недозволиво е да не се реагира на вакви изјави. Да имаше изјава обратно од оваа страна, да речеме претседателот на СДСМ или на ДУИ да имаа ваква навредлива изјава кон Бугарија и бугарскиот народ, бидете убедени дека амбасадорот, кој што за жал го немаме во Софија, односно во случајов претставник на македонската Амбасада, ќе беше повикан и ќе му беше испратена протесна нота од бугарското МНР, изјави Николоски.
За членот на Националниот совет за евроинтеграции Зекир Рамчиловиќ, кој е од редовите на коалицијата предводена од СДСМ, изјавите на Трифонов се негов личен став, желби и видувања, од кои не зависат преговорите на земјава со Унијата.
– Верувам во она што се најавите од новиот бугарски премиер дека работите ќе се одвиваат во друга насока, изјави Рамчиловиќ, изразувајќи надеж за брзо започнување на преговорите на земјава со ЕУ.