Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција упати обвинувања кон претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, и раководството на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), тврдејќи дека за организација на спортски игри во Чањ, Црна Гора, биле потрошени околу 60.000 евра.
„Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ и член на претседателството на ССМ предводено од Слободан Трендафилов, организираше спортски игри кои траеле четири дена во Чањ, Црна Гора и за кои биле потрошени 60.000 евра“, рече Петрушевски.
Тој оцени дека раководството на ССМ „целосно го има изгубено компасот“ и наместо да се фокусира на заштитата на работничките права, се оддалечува од членството.
Според Петрушевски, за учество на спортските игри било потребно лицата да бидат членови на синдикатот, а, како што наведе, од незадоволни членови добиле информации дека предност при изборот на учесници имале синдикалци кои се членови на СДСМ.
„Деаноски веднаш да одговори дали се наградени оние кои протестираа со него и Трендафилов на луксузните спортски игри во атрактивното место Чањ во Црна Гора вредно над 60.000 евра“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека Деаноски, „по примерот на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, сè повеќе се оддалечува од работниците и почнува да живее на сметка на синдикалците“.
Петрушевски предупреди дека ССМ и УПОЗ губат членови и оцени дека, доколку продолжат со вакви практики, „ќе станат само групација на привилегирани“.
„Работниците во Македонија заслужуваат чесно и одговорно синдикално претставување, а не синдикални функционери кои од нивните членарини прават луксузи“, порача Петрушевски.
Од УПОЗ и ССМ засега нема реакција на изнесените обвинувања.
