Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, реагираше на обвинувањата од СДС поврзани со состојбата со водата во Гостивар, обвинувајќи ја опозициската партија дека со денови шири лаги и бара одговорност на погрешна адреса.
„Со денови сведочиме како СДС на Венко Филипче и неговите другари, шират лаги за скандалот со водата во Гостивар. И, не само што шират лаги, покажуваат и непознавање на тоа како функционира системот и кој за што е надлежен“, изјави Петрушевски.
Тој посочи дека контролата на квалитетот на водата е во надлежност на локалните институции, додавајќи дека локалната власт во Гостивар ја предводат СДС, ДУИ и Арбен Таравари.
„Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лиман е кадар токму на оваа дружина. Одговорност треба да побараат во своите редови, за почеток кај личноста која тие ја кандидираа на локалните избори“, рече Петрушевски.
Пратеникот додаде дека, според него, повторувањето на обвинувања без факти нема да донесе политички поени.
„Политички поени со лаги не се добиваат“, порача тој.
Во однос на состојбата на терен, Петрушевски информираше дека на санирање на проблемот во Гостивар се работи деноноќно, а во моментов се обезбедува технички исправна вода за лична хигиена и хигиена во домаќинствата.
Тој очекува во текот на неделата, односно кон крајот на неделата, во Гостивар повторно да има и безбедна вода за пиење.
