Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ со остри критики кон СДС и пораки за политиките на власта

Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изјави дека актуелната Влада работи во интерес на граѓаните, додека опозицијата ја води политика што, според него, е спротивна на државните интереси.

„Додека раководството на СДС и нивниот претседател Венко Филипче, познат како специјален пратеник на Бугарија во Македонија или народски кажано – слуга на официјална Софија, гледаат само да распродадат се македонско, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ мисли на граѓаните и секојдневно работи за подобар животен стандард“, изјави Петрушевски.

Тој додаде дека, како што рече, „Филипче и раководството на СДС се однесуваат целосно полтронски кон Бугарија и официјална Софија“, наведувајќи дека тоа го гледаат како политичка стратегија.

Критики за уставните измени и референци на истражувања

Петрушевски во своето обраќање се осврна и на прашањето за уставните измени, оценувајќи дека СДС ја турка идејата која носи ризици за државата.

„СДС мора да разбере дека со промовирање на идејата за Бугари во Устав не се става крај, туку само се отвораат низа на прашања и проблеми за Македонија“, изјави тој.

Тој се повика и на истражувања на јавното мислење, тврдејќи дека „високи 80 проценти се против вклучување на Бугарите во Уставот под диктат на официјална Софија“.

Пораки за иднината и европската интеграција

Пратеникот оцени дека политиките на неговата партија имаат поширока поддршка кај граѓаните и дека државата треба да продолжи по истиот правец.

„Се додека СДС не се освести, само ќе тоне се подлабоко и е на добар пат да се уништат самите. Затоа политиките на ВМРО-ДПМНЕ имаат поддршка од поголем број на граѓани“, рече Петрушевски.

Тој додаде дека, според негов став, „ВМРО-ДПМНЕ се прави достоинствено, така ќе биде и со интеграцијата на Македонија во ЕУ“.