Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „Траги“ на Алсат М се осврна на поднесените измени за Законот за пратеници со којшто се забранува пратеник да има двојно државјанство.

Тој истакна дека опозициската СДС е целосно неинвентивна и без никаков кредибилитет и како што кажа, постојано измислувала лаги за владејачката партија, а една од таквите теми била и дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имале бугарски пасоши.

„Подолг временски период, ние во принцип имаме една опозиција во СДС којашто е тотално неинвентивна, без никаков кредибилитет, со никакви идеи и предлози со кои би се легитимирале пред гласачкото тело. Што прават тие? Тие измислуваат одредени, условно кажано афери коишто потоа низ медиумите ги шират, држат секој ден прес-конференции. Говореа дека требало да има и мигранти коишто не биле прифатени во Британија па ќе биле депортирани во Македонија, па требаше во пролетта да има избори итн. Ги наведувам сите оние лаги коишто времето ги демантираше, а нормално и ние како претставници на власта. Една од таквите теми коишто избра СДС да ја замајува јавноста беше и дека ВМРО-ДПМНЕ, односно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сите имале бугарски пасоши и затоа не им било важно, условно кажано членството во ЕУ и ги блокирале уставните измени. Држеа прес-конференции, банални, смешни и секој кој барем малку не познава знае дека е апсолутна невистина“, изјави Петрушевски.

Петрушевски посочи дека за да го демантираат сето тоа пред целокупната јавност, тие поднесоа измени на закон на пратеници со којшто се забранува пратеник да има двојно државјанство.

-Таков принцип на функционирање има веќе во некои законски решенија. Сме имале ваква пракса и порано во којашто мора да имаш само исклучиво македонско државјанство за да стапиш на одредена функција. Истото го предложивме се со цел да ги демантираме лагите и невистините коишто ги лиферуваа од страна на СДС, рече тој.