Петрушевски за односот кон судството и обвинителството

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во гостување во поткастот „Наткаст“ кај новинарот Љупчо Цветановски изјави дека, според него, постои голема разлика во однос на притисоците врз судството во минатото и денес.

Тој посочи дека, како што рече, актуелната власт нема комуникација со судии и обвинители.

„Гледам огромна разлика во она што значи притисок и влијание на судството што се случуваше во претходната Влада и Зоран Заев, и она кое што се случува денеска. Верувајте, воопшто јас, почнувајќи од премиерот па надолу, сите ние воопшто немаме никаква комуникација со ниту еден судија, со ниту еден обвинител“, изјави Петрушевски.

Тој додаде дека изборот на јавниот обвинител поминал без јавна и политичка експонираност.

„Дури изборот на Јавниот обвинител во јавноста помина така незабележително и воопшто немаше средба помеѓу премиерот и обвинителот, немаше таква средба“, истакна тој.

Очекувања за независно и законско работење на правосудството

Петрушевски нагласи дека изборот на јавниот обвинител бил направен врз основа на биографија, а не врз основа на политички ветувања.

Тој оцени дека, како што рече, премиерот има таков пристап и карактер во одлучувањето.

„Одлуката за избор на Јавниот обвинител беше донесена врз основ на биографија, не врз основ на ветувања. Таков му е карактерот на премиерот кој што многу добро лично го познавам. Таква е неговата политика и очекувам тие стеги кои што ги имаа порано, сега се отргнати, немаат стеги“, изјави Петрушевски.

Петрушевски нагласи дека очекува судството и обвинителството да постапуваат исклучиво согласно закон.

„Единствено очекување од судството и обвинителството е да си работат согласно законот и ништо повеќе од тоа. Согласно Закон, неслективно, мислам дека така ќе ја вратат и довербата кај граѓаните и така ќе изградиме една сериозно правна држава, се друго е погрешна политика и нема да не одведе никаде. Свесни сме за тоа и вопшто немаме никаква намера да вршиме било какво влијание во делод на правосудството и правосудниот систем“, дециден е Петрушевски.