Кандидатите и лидерите на политичките партии ги промовираат своите програми, нудејќи решенија за проблемите на граѓаните во општините.

Премиерот Зоран Заев, воедно и лидер на политичката партија СДСМ, вчеравечер се обрати пред граѓаните од Гевгелија. Испрати порака дека во изминатите години се реализирале работи коишто не биле возможни да се реализираат со децении. Тој претходно присуствуваше во Валандово, Дојран и Богданци каде ги презентираше кандидатите за градоначалници од тие општини.

– Од независноста до денес, не постои политичка понуда, опција, партија или идеја, којашто добила повеќе гласови на кој било изборен циклус. На 30 септември, денес, по три години, Република Северна Македонија, целиот наш народ, сите граѓани, секој од нас, имаме голем заеднички успех. После 20 години имаме и успешен попис, истакна Заев во обраќањето.

СДСМ, како што рече, инвестира во сегашноста и создава иднина.

– Заклучете кој вложува во сегашноста и ја обезбедува иднината, а кој го руши сработеното и враќа во минатото, порача Заев во Гевгелија на промоцијата на кандидатот за градоначалник Сашко Поцков и на советничката листа на СДСМ и Коалицијата.

Лидерот на СДСМ истакна оти стари режимски кадри и нова иднина не одат заедно и невозможно е луѓето свртени кон минатото да реализираат иднина.

– Никогаш повеќе да не се повтори режим. Додека не се реформира, ВМРО-ДПМНЕ не може да ја добие довербата од граѓаните на кои било избори, посочи Заев додавајќи дека во меѓувреме, СДСМ го продолжува развојот на домашен план со проекти во општините и натамошно интегрирање на државата на меѓународен план.

Лидерот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ од централниот митинг во Кочани порача дека на овие избори не само што ќе се избира нов градоначалник и нови советници, туку граѓаните ќе одлучат по каква патека ќе се движи државата. Како дел од вчерашната агенда, Мицкоски беше во посета на жителите од Чешиново-Облешево, Виница и Зрновци.

– Кога зборуваме за патриотизмот, сакам да зборувам за заеднички успеси, да ги вратиме добрите луѓе коишто се иселија од нашата Македонија дома, за тоа што дома каменот тежи. Заеднички патриотизам е да бидеме без предрасуди, да го победиме криминалот, корупцијата и неправдите. Заеднички патриотизам е народот да има повеќе пари во џебот, да има повеќе можности за развој, да донесеме инвестиции, да отвориме повеќе работни места. Потребна е нова иднина, потребни се промени, нагласи Мицкоски.

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети промовирајќи ја зелената агенда во скопски Бутел порача дека тој и неговата партија направиле многу чекори.

– Преземавме чекори и ги туркавме барикадите, направивме километарски чекор. Зелената агенда значи живот, дали беше потребна храброст, се разбира, да се продолжи животот и да се разубави родното место и соседството на градот, рече Ахмети.

Продолжува и промоцијата на независните кандидати, кои исто така меѓу граѓаните ја презентираат нивната агенда.

Локалните избори оваа година ќе се одржат на 17 октомври, вкупно има 297 кандидати за градоначалници. На овие избори првпат ќе бидат применети уреди за биометриска идентификација на гласачите. Набавката на овие уреди е со цел да се зголеми довербата во изборниот процес и да се елиминираат сомнежите во изборните резултати.