Новиот германски министер за одбрана Борис Писториус ја презема во четвртокот по што веднаш се сретна со американскиот министер за одбрана Лојд Остин, со кој разговараше за одбранбената соработка меѓу двете земји, особено кога станува збор за поддршката на Украина.

„Ужасната војна на (рускиот претседател Владимир) Путин против Украина му даде можност на НАТО да се докаже дека е тоа што е: стабилен сојуз кој се покажа способен за брза реакција, а така и ќе остане“, рече Писториус по средбата со Лојд имплицирајќи ја директната вмешаност на Алијансата во украинската војна.

Новиот германски министер за одбрана изрази благодарност за поддршката од САД, „Како и толкупати често во историјата, така и сега Германија и САД стојат раме до раме“, рече Писториус.

Остин ја нарече Германија „еден од најважните сојузници на САД“ и изрази задоволство од идната соработка со новиот нејзин министер за одбрана.

„Би сакал да ѝ се заблагодарам на германската влада за сѐ што направи за јакнење на украинската одбрана“, рече Остин.

Меѓутоа, американскиот министер воопшто конкретно не го спомена потенцијалното испраќање германски тенкови во Украина, околу што последните денови се водат остри дискусии и за што се претпоставува дека ќе разговараат набрзо и двајцата министри.

Борис Писториус, кој доаѓа од владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD), пред средбата со Остин од претседателот на државата Франк-Валтер Штанјмаер ги преземе акредитациите, со што ја презема должноста министер за одбрана. Притоа најави дека и натаму ќе работи на процесот на јакнење на германската војска Бундесверот, особено во заднината на војната во Украина.

„Германија не е страна во војната, но и покрај тоа погодени сме од оваа војна“, рече Писториус при преземањето на должноста.

Новиот германски министер за одбрана рече дека Германија е подготвена да ја поддржи Украина, како и дека Берлин стои „заедно со своите сојузници во украинската борба за слобода и територијален интегритет“.

Писториус го презема министерството за одбрана, откако досегашната министерка Кристине Ламбрехт во понеделникот поднесе оставка, која се најде на удар на критиките дека не ги спроведува доволно брзо реформите на Бундесферот кој се соочува со бројни проблеми.

Германското министерство за одбрана, поради големите проблеми со коишто се соочува армијата со години во поглед со нефункционалноста на системите, важи за најнеблагодарна позиција во владата, а министрите кои го водат овој ресор по правило не остануваат на позицијата целиот мандат.

По почетокот на војната во Украина, Германија, како еден од водечките извозници на оружје на светот, отстапи од својата децениска практика да испраќа оружје во зоните на конфликт, а канцеларот Шолц најави реформа и модернизација на Бундесверот за што е издвоен фонд од 100 милијарди евра.