Од синдикалната организација во претпријатието ја потврдија ваквата исплата, со образложение дека финансиската состојба во моментот не дозволува работниците да ги добијат редовните износи на платите.

– Точно е дека на вработените им е исплатена мајската плата од по 100 денари, а причина за тоа е да нема прекин во подмирувањето на обврските за придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Веќе одржавме состанок на стручниот колегиум на кој директорот на претпријатието информираше дека поради достасани обврски по судски пресуди исплатени се стари побарувања за К-15, отпремнини за пензија, награди на вработени и слично, поради што на сметката нема доволно средства за исплата на редовна плата. Се работи за долгови од пред десетина години, чија висина изнесува околу седум милиони денари, а за наплатата стигнале дури сега, истакна Павле Стојковски, в.д. претседател на синдикалната организација во „Солидарност“.

За утре е закажана средба на синдикатот со директорот на претпријатието и со градоначалникот на Општина Виница, при што ќе се разговара за лошата финансиска состојба и ќе се бара начин да се подмират обврските кон вработените.

Стојковски информираше дека „Солидарност“ има побарување од околу четири милиони денари од Локалната самоуправа на Виница, како и од други правни и приватни лица.

Вработените ги извршуваат работните задачи нормално, а со оглед на специфичните законски прописи за штрајк во комуналните претпријатија, засега нема најава за протест или прекин на работата.