Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ оцени дека светот се соочува со почеток на, како што рече, „најголемата енергетска криза која ја памети нашата генерација“. Тој најави дека Владата ќе ги искористи сите расположливи механизми за ублажување на последиците.

Говорејќи пред новинарите, Пленковиќ посочи дека кризата, поттикната од воените случувања, може да потрае, особено по ескалацијата со нападот на Израел врз нафтеното поле Јужен Парс и одговорот на Иран со напади врз енергетски објекти во Заливот.

– Доколку полиња и рафинерии бидат погодени, тогаш времето потребно за враќање во состојбата на нормализација ќе потрае подолго. Затоа таа проценка на Меѓународната агенција за енергија е многу сериозна.

Пленковиќ оцени дека оваа криза може да биде поизразена од онаа од пред четири години, предизвикана од руската агресија врз Украина, додавајќи дека станува збор за ненадеен и силен раст на цените на енергенсите што бара навремени владини мерки.