Одделот за трауматологија во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ е целосно реконструиран и повторно ставен во функција по инвестиција од 230 илјади евра. Станува збор за последниот нереновиран оддел во болницата, во кој, освен помали поправки, не било интервенирано од 1962 година. Од вкупната сума, 200 илјади евра биле обезбедени од буџетот на установата, а преостанатите средства преку донации.
Директорот на болницата Небојша Настов изјави дека со завршувањето на реконструкцијата е обновен и последниот дел од клиниката што со децении останал нереновиран. „Горд сум што можам да најавам дека конечно заврши реконструкцијата на последниот оддел којшто беше нереконструиран, да не кажам нереновиран, во нашата Универзитетска клиника ‘Свети Наум Охридски’. Можам да кажам дека од ’62 година наваму, со некои исклучоци, со некои ситни поправки, не е интервенирано воопшто на самиот оддел за трауматологија“, рече Настов.
Со реконструкцијата целосно биле заменети електричната и водоводната инсталација, бил поставен нов систем за греење, биле обновени подовите и биле монтирани нови врати. Дел од нив се автоматски и се отвораат со сензори, без употреба на кваки, согласно препораките за намалување на преносот на болнички инфекции. „Монтирани се таканаречени автоматски сензорски врати коишто се во склоп на препораките на Светската здравствена организација за намалување на трансмисијата, односно преносот на интрахоспиталните инфекции. Нема кваки на самите врати, туку само со доближување на раката до сензорите се отвораат или се затвораат“, објасни директорот.
Капацитетот на одделот останува непроменет и располага со 26 кревети, а годишно таму се изведуваат околу 1.100 операции. Во одделот работат девет хирурзи-трауматолози, заедно со медицински сестри, болничари и помошно-технички персонал. Настов оцени дека медицинските сестри и помошно-техничкиот персонал имаат клучна улога во грижата за пациентите по операциите. Иако нивниот број бил зголемен во изминатиот период, тој смета дека се потребни дополнителни вработувања во овие служби, додека бројот на лекари во моментов е доволен.
Реновираниот оддел го посетија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашко Клековски. Министерот посочи дека „Стара градска“ е еден од најстарите здравствени објекти и прва адреса за голем број пациенти со трауматски повреди во Скопје. „Додека секојдневно зборуваме за новите клинички болници, не смееме да заборавиме во каква состојба се постојните капацитети, а ова е еден од најстарите капацитети — оваа зграда е од предвоена Македонија“, рече Клековски.
Тој додаде дека директорот веќе подготвува план за целосна реконструкција на ургентниот дел и на оперативниот блок. Со реализацијата на овие зафати, според Клековски, треба да заврши обновата на установата, која ја оцени како важен хируршки центар во главниот град.
Мицкоски им честиташе на раководството и на вработените за реконструкцијата и порача дека здравството ќе биде еден од главните приоритети на Владата. „За жал, не можеме преку ноќ сето она коешто со децении било уништувано да го исправиме, но еден по еден приоритет ги решаваме. Во периодот којшто следи, здравството ќе биде еден од врвните приоритети во работата на Владата и ќе продолжиме да инвестираме“, изјави Мицкоски.
Премиерот наведе дека годишниот буџет што се издвојува за здравството надминува една милијарда евра и најави дека Владата има планови и развојни проекти што треба да почнат да се реализираат во следниот период.
