Премиерот Христијан Мицкоски најави дека наскоро ќе започне изградбата на автопатот Скопје – Блаце, проект кој, како што рече, со децении бил најавуван, но не бил реализиран.

Изјавата ја даде на потпишувањето на Договорот за инвестициски грант меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој, наменет за изградба на оваа автопатска делница. Грант-средствата изнесуваат 30,8 милиони евра и се обезбедени преку Инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ.

Проект најавуван со децении

Мицкоски оцени дека станува збор за проект кој долго време бил дел од политичките најави, но без конкретна реализација. Според него, автопатот треба да го поврзе главниот град со граничниот премин Блаце, односно со Косово.

Тој посочи дека за Владата претставува значајно што, покрај оваа делница, во државата се планира развој на повеќе автопатски правци, меѓу кои Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Кичево – Охрид, Прилеп – Битола и Букојчани – Кичево.

Вицепремиерот Николоски ги соопшти деталите

Утрово беше потпишан Договор за грант од 30,8 милиони евра со ЕБОР за изградба на автопатот Скопје – Блаце. Автопатот е дел од стратешката визија Македонија да стане клучна транспортна крстосница на Балканот. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ги соопшти деталите.

Николоски: Потпишан Договор за грант од 30,8 милиони евра со ЕБОР за изградба на автопатот Скопје – Блаце

Обезбедени средства и избран изведувач

Премиерот нагласи дека, за разлика од претходните најави, сега се обезбедени средства, потпишани се договори, избран е изведувач и започната е реализацијата на проектот.

Според неговите очекувања, доколку процесот се одвива според планираното, теренските активности би можеле да започнат овој или следниот месец.

Мицкоски додаде дека овој автопат со години бил симбол на неисполнети ветувања, а сега, како што рече, разликата е „јасна и видлива“.

Градежништвото како двигател на економијата

Премиерот очекува градежништвото да продолжи да биде еден од главните двигатели на економскиот развој во следниот период.

Тој посочи дека во април е забележан висок степен на реализација на проекти и раст во градежништвото, повикувајќи се на податоците на Државниот завод за статистика, според кои резултатите се за речиси една третина подобри во споредба со истиот месец лани.