Во периодот меѓу 6 и 10 јули, таканаречената топлинска купола повторно ќе се прошири над голем дел од континентот, при што Балканот повторно ќе биде меѓу најпогодените региони.

Европа сè уште ги сумира последиците од рекордниот топлотен бран што го одбележа крајот на јуни, додека метеоролозите веќе предупредуваат дека по краткото освежување следува нов период на екстремни горештини.

Најновите прогнози покажуваат дека од викендот, а особено во периодот меѓу 6 и 10 јули, таканаречената топлинска купола повторно ќе се прошири над голем дел од континентот, при што Балканот повторно ќе биде меѓу најпогодените региони.

Првичните здравствени проценки покажуваат дека екстремните температури веќе оставиле тешки последици. Само во четири европски земји – Шпанија, Франција, Германија и Холандија – досега се регистрирани повеќе од 3.200 жртви или со жештините поврзани смртни случаи. Експертите предупредуваат дека ова не е конечна бројка, бидејќи дел од државите, меѓу нив и Италија, сè уште не ги објавиле своите конечни анализи за влијанието на топлотниот бран врз смртноста.

Најтешка е состојбата во Шпанија, каде здравствените власти проценуваат дека рекордниот јунски топлотен бран е поврзан со повеќе од 1.000 дополнителни смртни случаи. Најголем дел од жртвите се лица постари од 65 години, но лекарите предупредуваат дека сериозен ризик постои и за хронично болните, како и за луѓето кои работат на отворено.

Во Франција, според првичните проценки, исто така се регистрирани околу 1.000 дополнителни смртни случаи поврзани со екстремната жега. Земјата се соочи и со десетици случаи на топлотен удар, серија шумски пожари и сериозен притисок врз здравствениот систем, особено во јужните департмани.

Германските здравствени институции проценуваат дека за време на топлотниот бран починале повеќе од 800 луѓе, претежно поради влошување на кардиоваскуларните и респираторните заболувања.

Во Холандија, пак, националната статистика регистрираше речиси 500 дополнителни смртни случаи во најжешките денови, што уште еднаш покажа колку опасни можат да бидат екстремните температури, дури и во земји со умерена клима.

Според Светската метеоролошка организација и европската програма „Коперник“, екстремните топлотни бранови веќе не се исклучок, туку стануваат сè почеста појава. Климатските промени ги прават ваквите периоди на жештини подолги, поинтензивни и посмртоносни, особено во големите градови каде што бетонските површини дополнително ја задржуваат топлината.

По краткотрајното освежување што ќе зафати делови од Западна Европа, од 4 или 5 јули повторно ќе почне да се засилува антициклонот над Медитеранот. Според актуелните прогностички модели, најсилниот удар на вториот топлотен бран се очекува меѓу 6 и 10 јули, кога температурите во повеќе земји повторно би можеле да надминат 40 Целзиусови степени.

Најизложени на новиот топлотен бран ќе бидат северна Италија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Бугарија, Грција, Романија и Унгарија, како и делови од Полска и од Украина.

Метеоролозите предупредуваат дека најголем проблем повторно ќе бидат тропските ноќи, кога температурата нема да се спушта под 24 или 25 степени, што значително го зголемува ризикот за повозрасните и за хронично болните лица.

Европските здравствени служби затоа повторно апелираат граѓаните да избегнуваат изложување на сонце во најтоплиот дел од денот, редовно да внесуваат течности и да обрнат посебно внимание на постарите членови на семејството и на малите деца. Ако прогнозите се потврдат, првата половина на јули би можела да донесе ново сериозно тестирање на здравствените системи ширум Европа.

Извор: Плусинфо