Сопственикот на познатата скопска сендвичарница „Baking Bread“, Мише Цвејевски, се огласи по пожарот што избувна во нивниот локал на Рекорд, во центарот на Скопје.
Нема повредени лица
Цвејевски информираше дека во пожарот нема повредени, а поголеми последици биле спречени благодарение на брзата реакција на вработените и навремената интервенција на пожарникарите.
„Фала Богу, никој не е повреден. Благодарение на обуката што ја имаат нашите вработени за вакви ситуации, нивната брза реакција, како и брзата интервенција на момците од Противпожарната бригада, избегнати се поголеми последици. Голема благодарност до нив за професионалноста и брзата реакција“, наведе Цвејевски.
Пожарот избувнал при промена на масло
Според сопственикот, огнот бил предизвикан од мало невнимание при рутинска промена на маслото во една од фритезите.
Тој посочи дека материјалната штета е мала и изрази очекување дека локалот повторно ќе биде отворен за неколку дена.
Ги демантираше шпекулациите за осигурувањето
Цвејевски се осврна и на шпекулациите објавени на социјалните мрежи дека пожарот бил намерно предизвикан за да се наплати осигурување.
„Сакаме јасно да кажеме дека ‘Baking Bread’ нема да побара ниту еден денар од осигурителната компанија. Штетата е мала и ќе ја санираме сами“, порача сопственикот.
