Македонското новинарство загуби уште еден искусен професионалец, откако на 78-годишна возраст почина Мојсо Мојсовски, истакнат новинар и уредник кој најголемиот дел од својот работен век го помина во Македонското радио.

Мојсовски е роден на 8 септември 1948 година во Скопје, а својата професионална кариера ја изгради токму во радиото, каде што со посветеност извршуваше повеќе одговорни раководни и новинарски задачи. Меѓу нив особено се издвојуваат неговата работа како уредник на дескот и долгогодишниот ангажман како уредник и водител на Пладневниот радиовесник, една од најпознатите и највлијателни информативни емисии.

Дел од своето богато новинарско искуство го пренесе и во македонската редакција на „Дојче веле“. Неговите колеги ќе го паметат како исклучителен и искусен ментор, кој несебично на помладите генерации новинари им ги пренесуваше темелните професионални вредности, одговорноста и вистинската посветеност на професијата.

Покрај новинарската професија, негова огромна љубов беше и родниот град. На Скопје му посвети неколку изданија на својата авторска книга, во кои преку лични записи и сеќавања автентично ги сочува приказните за градските улици, некогашниот лик на градот и скопскиот дух. Покрај тоа, долги години беше активен член и во Одборот на скопските бадникари.

Зад Мојсовски остануваат децениската плодна новинарска дејност, непроценливиот придонес во развојот на Македонското радио и трајниот спомен кај генерации колеги и верни слушатели кои со години го следеа неговиот препознатлив глас.

Последното испраќање на почитуваниот новинар ќе се одржи во вторник, на 1 декември, при што опелото во капелата е закажано за 11 часот, а погребот ќе се изврши во 12 часот.