Една од најпознатите уметнички имиња од просторот на поранешна Југославија, Оливера Катарина, почина денеска на 87-годишна возраст. Веста за нејзината смрт ја соопшти нејзиното семејство, а дополнително ќе бидат објавени информациите за комеморацијата и погребот.

Оливера Катарина беше актерка, пејачка и писателка, која со својата долгогодишна кариера остави значаен белег во југословенската, но и во пошироката светска уметност.

Најголема популарност стекна со улогата во култниот филм „Собирачи на пердуви“ на режисерот Александар Петровиќ. Филмот беше номиниран за наградата „Оскар“ за најдобар странски филм, а освои и признание на Канскиот филмски фестивал.

Покрај актерството, Катарина беше препознатлива и по својот специфичен музички израз. Таа настапуваше на бројни престижни светски сцени и концертни сали, а со својот глас, изглед и харизма се вбројуваше меѓу најголемите ѕвезди на поранешна Југославија.

Нејзиниот уметнички талент го потврди и во литературата, каде што објави неколку книги.

Оливера Катарина е родена на 5 март 1940 година во Белград, како Оливера Петровиќ. Во текот на животот и кариерата настапуваше и под имињата Оливера Вучо и Оливера Катарина.

Во последните години од животот таа јавно зборуваше дека живее повлечено и дека се чувствува заборавена од дел од некогашните пријатели и колеги.

„Живеам сама меѓу своите четири ѕида, заборавена од повеќето пријатели и колеги. Го зачував достоинството и не сум депресивна. Никого нема да молам за ништо“, изјави Катарина во едно од своите интервјуа.

Со нејзината смрт, уметничката сцена останува без една од највпечатливите и најпрепознатливи личности, чие творештво остави траен белег во филмот, музиката и книжевноста.