Во Тетово денеска почина поранешниот македонски репрезентативец Агрон Мемеди, соопштија од фудбалскиот клуб Шкендија. Трагичниот настан се случил откако на поранешниот фудбалер одеднаш му се слошило за време на редовниот тренинг на тетовскиот тим.
Од таборот на ФК Шкендија со огромна жалост ја споделија веста за прераното заминување на нивниот поранешен играч и актуелен член на стручниот штаб.
„Со длабока тага ја објавуваме смртта на Агрон Мемеди, член на техничкиот штаб и поранешен фудбалер на нашиот клуб. Денес, нашиот клуб загуби еден од своите луѓе, човек кој беше дел од црвено-црното семејство, прво како фудбалер, а потоа и како дел од техничкиот штаб. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејството Мемеди, роднините и сите оние кои го познаваа и го сакаа Агрон. Тој секогаш ќе остане дел од нашето семејство. Почивај во мир Гони!“, објавија од ФК Шкендија.
Мемеди остави длабока трага во македонскиот фудбал како поранешен репрезентативец и долгогодишен истакнат спортски работник во домашниот шампионат.
