На 55-годишна возраст почина режисерот и драматург Кирил М. Петрески, долгогодишен член на колективот на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“. Неговата смрт претставува голема загуба за прилепскиот театар, но и за македонскиот театар воопшто.

Од колективот на Театарот „Војдан Чернодрински“ упатија сочувство до семејството, блиските, пријателите и колегите на Петрески по повод неговата прерана смрт.

Петрески е роден во 1971 година. Дипломирал на Катедрата за театарска режија при Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на професорот Слободан Унковски, со претставата „Фарса за храбриот Науме“ од Русомир Богдановски.

Бил дел од колективот на Прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“, а потоа и на театарот „Војдан Чернодрински“. Од 2013 година во прилепскиот театар работел како драматург и режисер.

Со својата долгогодишна и посветена работа, Петрески остави значајна трага во театарскиот живот и во развојот на прилепскиот театар, но и препознатлив авторски печат во македонскиот театар.

Во Театарот „Војдан Чернодрински“ Петрески ги режираше претставите „Уште една за по пат“ од Харолд Пинтер, „На трета мајка“ од Петар Петрески, „Духот…“ според дела од Војдан Чернодрински и Горан Стефановски, „Сатирикон или големата гозба“ од Петрониј Арбитер и „ММЕ кој прв почна“ од Дејан Дуковски.

Негови режисерски остварувања беа и „Роберто Зуко“ од Бернар-Мари Колтес, „Четвртата сестра“ од Јануш Гловацки, „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери, „Маратонците го трчаат почесниот круг“ од Душан Ковачевиќ, „Сонот на Цепенков“ според Марко Цепенков, „Како се станува цар“ од Афродита Кирјаковска, „Хамлет од Горно Дупени“, според „Хамлет од селото Долна Мрдуша“ од Иво Брешан, „Демократија“ од Јосиф Бродски и „Ученикот“ од Мариус фон Мајербург.

Со претставата „Четвртата сестра“ Петрески учествуваше на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Петрески остави свој печат и надвор од прилепскиот театар.

Во кумановскиот театар ги режираше претставите „Варијации: диви пајки“ од Дејвид Мемет и „Не играј на Англичани“ од Владимир Ѓурѓевиќ. Претставата „Не играј на Англичани“ беше дел и од официјалната програма на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во 2010 година.

Во НТ „Григор Прличев“ – Охрид ја режираше претставата „На дното“, според делото на Максим Горки.