Полициските службеници од Одделението за внатрешни работи Неготино вчера го пронашле и привеле Д.С. (55) од селото Пепелиште,со кој е осомничен за предизвикување на сообраќајна несреќа со смртни последици и напуштање на местото на настанот, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според првичните информации, на 3 декември 2024 година, околу 17:30 часот, на регионалниот пат што го поврзува селото Пепелиште со Неготино, на локација наречена „Лака“, со товарно возило „Цитроен Џампер“ со неготински регистарски таблички, управувано од осомничениот, била удрена 75-годишната А.А. од Пепелиште. По ударот, возачот го напуштил местото на несреќата.

„Од здобиените повреди, А.А. починала на лице место, а нејзината смрт била констатирана од лекар од Итната медицинска помош“, соопштуваат од МВР.

На местото на несреќата бил извршен увид од страна на јавен обвинител во соработка со увидна екипа од ОВР Неготино.

„Со осомничениот Д.С. е извршен службен разговор во полициската станица, а натамошната постапка се спроведува под надзор на јавниот обвинител“, додаваат од Министерството.

Истражните органи продолжуваат со работа за целосно расчистување на случајот.