Должината на Петровденскиот пост зависи од празникот Велигден.

Овој пост, еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината (Велигденски, Петровденски, Богородичен, Божикен), започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден, така и Петровденскиот пост трае различно. Некогаш шест недели, а некогаш само една недела и еден ден.

Целта на постот е да се исчистат духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела.

Телесниот пост подразбира воздржување од храна од животинско потекло, што значи од трпезата се тргаат месото, млечните производи и јајцата. Во среда и петок јадењата се на вода, односно се подготвуваат без масло.

Понеделник, вторник и четврток се со масло, а во сабота и недела дозволено е јадење риба.

Поважниот пост – духовниот, според Православната црква, подразбира одрекување од секое зло и грев, воздржување од лоши помисли, зборови и дела, покајание и безрезервна љубов кон Бога и кон луѓето.