Според исламската религија, постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и душевно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачко болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа.

По рамазанскиот пост, на 13 мај е Рамазан Бајрам, кој се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите. Рамазан е деветтиот месец во Исламскиот календар.

Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник.

Во пресрет на рамазанскиот пост, поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, им порача на верниците да го искористат овој период за зајакнување на свесноста за Бога, моралот, трпеливоста, жртвеноста, мирот, толеранцијата и хуманизмот, за очистување на мислите, срцата и душите и за дарежливост и солидарност со сиромашните.

Тој упати апел да се почитуваат препораките за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот.