Проектот се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија во рамки на проектот ИПА 2 за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Албанија.
Албрим Положани, раководител за европски проекти во Општина Струга појасни дека е предвидена изградба на велосипедска и пешачка патека од хотел „Евро“ до реката Сатеска, брендирање на еден струшки производ, заедничко рекламирање на меѓународни саеми, чистење диви депонии околу Охридското Езеро, изградба на две туристички бироа, како и обука на туристички работници.
Во Поградец пак, додаде, предвидено е реконструкција на тамошното Кале, брендирање нивни производ, како и заедничка промоција на двата града.
– Целта на проектот е заедничка промоција на двата погранични града со своите природни убавини, храна, историски вредности…, во една туристичка понуда, како и подобрување на туристичката инфраструктура, изјави Положани.
„Струга и Поградец за промоција на туризмот и природните ресурси – CoolTour“ е поделен на неколку компоненти, вклучувајќи инфраструктура, туристичка промоција, гастрономија и угостителство. Главна цел е промоција на Струга и Поградец, како градови покрај Охридското Езеро.