Координаторот на оваа иницијатива Драгана Спасевска за „Слободен печат“ изјави:
– ДИК го прифати нашето барање, а собирањето на потписи веќе започна и е во тек – изјави координаторот на оваа иницијатива Драгана Спасевска за „Слободен печат“, додавајќи оти во меѓувреме, односно утре, протестите против дигитализацијата ќе продолжат во сите градови во попладневните часови.
Собирањето на потписите пак, кое започна од денеска, ќе трае се до четврток и тоа во подрачно одделние во Центар (за општините Центар и Аеродром) во Скопје, како и во подрачното одделние на ДИК во Битола за општините Битола, Новаци и Могила.
Според Спасевска, сите останати подрачни единици на ДИК ќе бидат отворени во следната фаза, кога очекуваат позитивен исход од Собранието.
Иако во својот прв обид предлогот за референдум да го достават во Собрание беа експресно одбиени, со објаснување оти доставените 600 потписи се собрани на незаконски начин, Спасевска сепак рече оти сега ќе им бидат потребни над 100 потписи за повторно да испратат барање.
– Најважно е сега да собереме 100 потписи најмалку. Потоа повторно ја поднесуваме во Собрание постапката за покренување на граѓанска иницијатива за референдум, со цел да се овозможи непосредно изјаснување на граѓаните – заврши Спасевска.
Сите граѓани кои се потпишале од претходно, ќе мора да го направат повторно во наредните три дена, со цел потписите кои сега се собираат да бидат важечки.
Според Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование, од учебната 2021/2022 година ќе бидат воведени дигитални учебници, најпрво во четврто одделение, а во наредните години и во погорните одделенија, како и во средното образование. Според предлог-законот, учениците до трето одделение ќе продолжат да учат од печатени (хартиени) учебници.