Во кабинетот на градоначалникот Тони Коњановски, денес беше потпишан трипартитниот договор, по кој започнуваат оперативните активности за поставување на фотоволтаици на подрачното основно училиште „Даме Груев“ во с. Долно Оризари.
Фотонапонскиот систем ќе биде поставен со средства во висина од 400.000 денари, донација од Амбасадата на Народна Република Кина во земјава.
Амбасадорот на Народна Република Кина Џанг Ѕуо како донатор, градоначалникот Тони Коњановски како примател на донацијата и претставници на фирмата изведувач Солар Спектар АГ Дооел од Скопје, го потпишаа трипартитниот договор, со кој практично започнува изведбата на системот со вкупна инсталирана моќност од 12,1 kWр.
Подрачното основно училиште „Даме Груев“, опфаќа околу 160 ученици од прво до деветто одделение, а во состав на објектот е сместена и една група на деца од предучилишна возраст.
Покрај обезбедувањето на донацијата, општина Битола продолжува со капитални инвестиции за кои оваа година исплатени се 154.000.000 денари, што значи реализација на 45,10% од планираното, а во моментот на општинската сметка има 237.000.000 денари.