Празник на духовност и семејна блискост

Поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема Шаќир Фетаи, денеска упати честитки до верниците од исламска вероисповед по повод големиот празник Рамазан Бајрам, истакнувајќи ја важноста на духовните вредности, солидарноста и семејното единство.

„Фитр Бајрам е ден на помирување и зближување. Тоа е ден кога треба да ги отвориме нашите срца, да си простиме еден на друг и да ги зацврстиме семејните и општествените врски. Посетите, честитките и насмевките што ги разменуваме денес се знак на убавите вредности што Исламот ги негува меѓу нас. Да го искористиме овој празник за да размислиме за самите себе и да продолжиме по патот на добрината што го започнавме во Рамазан. Да бидеме луѓе на мирот, правдата и солидарноста во нашите семејства, во нашето општество и каде и да живееме“, порача Фетаи.

Духовна порака и повик на морални вредности

Поглаварот истакна дека изминатиот месец на пост бил вистински тест за човечката издржливост и морал.

„Во овој голем духовен празник се радуваме што триумфиравме над деструктивноста, материјализмот, егоизмот и љубомората. Со тоа му испративме порака на светот дека моралните вредности се највисоката цел на човечката активност. Со чувството на глад и жед му упативме повик на светот за поголема грижа кон човекот. Мирот што го негуваме за време на Рамазан покажа дека човештвото треба да биде посветено на почитување на човечките вредности, избегнувајќи убиства, војни, масакри и геноциди“, нагласи Фетаи.

Континуирана борба против општествените предизвици

На крајот, Реисул Улема повика на постојана борба против општествените аномалии како алкохолизмот, наркоманијата и корупцијата.

„На овој ден верниците гордо стојат пред Бога, надевајќи се на Неговата милост за искрените молитви и жртви направени за време на постот“, додаде Фетаи.