45 годишниот Шовин може да се соочи со децении затвор кога за два месеца ќе треба ду му биде изречена пресудата. Правни експерти велат дека тој најверојатно ќе поднесе жалба.

Смртта на Флојд на 25 мај 2020 година, при обид за апсење за фалсификувана сметка од 20 долари во продавница, поттикна неколкумесечни понекогаш насилни протести против тешката полициска тактика и предизвика национална пресметка за расни прашања.

Снимката од апсењето покажа дека Шовин го држи неговото колено на вратот на Флојд повеќе од девет минути.

Претседателот на САД Џо Бајден ја поздрави пресудата

Во националното телевизиско обраќање неколку часа по изрекувањето на пресудата, Бајден рече дека смртта на Флојд е „убиство кое ги крена ролетните“ за целиот свет да ги согледа проблемите со расата и полицијата во Соединетите држави.

Тој исто така повика на „соочување со системскиот расизам и расните разлики што постојат во полициското работење и во системот на кривичната правда“. „Не можам да дишам“ не смеат, да умрат со Флојд“, изјави Бајден повикувајќи се на последните зборови на Флојд. Претходно, Бајден разговараше телефонски со семејството Флојд.

Потпретседателката на САД Камала Харис, пак оцени дека поради расизмот во Соединетите држави, не се исполнува и основното ветување за „слобода и правда за сите“.

Шовин беше обвинет за убиство откако повеќе од девет минути клечел на вратот на Флојд при апсењето во мај минатата година.

Минеаполис и другите градови беа подготвени на можноста евентуална ослободителна пресудата да предизвика слични немири како во минатата година, кога милиони низ целата земја се придружија на повеќемесечните протести кои понекогаш преоѓаа во смртоносно насилство и грабежи.

Судењето во голема мера се потпираше врз видеоснимките од камерата на телото на полицајците, на кои се гледа како Флојд се бори со полицијата и видеото на случаен минувач во кое се слуша како Флојд им кажува на полицајците дека не може да дише.

Обвинение и одбрана

Во изготвувањето на нивниот случај, обвинителите се обидоа да употребат мешавина од емоции и факти за да докажат дека Флојд починал затоа што Шовин го притискал коленото на вратот на Флојд подолго од девет минути додека тој лежел во лисици на стомакот, со лицето кон тротоарот.

Адвокатот Стив Шлајхер ѝ рече на поротата во завршните зборови дека последните зборови на Флојд се: „Те молам, не можам да дишам“, истакнувајќи дека тој ги кажал овие зборови на Шовин, кој го погледна и продолжи да го притиска коленото во него.

-Се што требаше беше малку сочувство што не беше покажано на тој ден, рече Шлајхер, додавајќи дека она што го направил Шовин „не е полициско работење“, туку намерно убиство.

Поротниците исто така слушнаа сведоштво од медицински експерти дека Флојд починал од недостаток на кислород затоа што коленото на Шовин било на вратот. Неколку врвни полициски службеници во Минеаполис сведочеа дека била употребена прекумерна сила врз Флојд за време на апсењето.

Одбраната тврди дека Флојд починал од срцеви проблеми и други здравствени состојби, ставајќи се себе си во голем ризик со тоа што се спротивставил на апсењето и што имал земено фентанил и метамфетамин пред да се сретне со полицијата.

Одбраната, исто така, се обиде да го убеди жирито дека Шовин дејствувал во согласност со неговата обука и полициската политика во Минеаполис, дејствувајќи како „разумен офицер“ со оглед на ситуацијата.

Полицискиот оддел во Минеаполис го отпушти Шовин, како и тројца други офицери ден по смртта на Флојд. На тројцата други треба да им се суди подоцна оваа година под обвиненија за помагање.