Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на Состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони во Охрид, оствари работна средба со Александар Чупиќ, вршител на должноста претседател на Република Србија. Разговорите беа насочени кон унапредување на добрососедските односи и регионалната стабилност.

Најнапред, шефицата на државата му ја честиташе изборната победа и неговиот избор за претседател на Народното собрание.

За Сиљановска-Давкова, неговото присуство е особено значајно за решавањето на отворените регионални прашања преку политички дијалог заснован врз взаемна почит и разбирање.

Таа изрази увереност дека македонско-српските односи, со оглед на традиционалното пријателство меѓу народите и граѓаните, ќе продолжат со уште позасилено темпо во секторите образование, наука, култура, туризам и дигитализација.

Чупиќ оцени дека учеството на Процесот Брдо-Бриони во Охрид претставува силна порака за значењето на добрососедството и целосно ја поддржа иницијативата на претседателката за активно вклучување на младите луѓе на состаноците.

Тој ја поздрави отвореноста на Процесот, којашто, како што истакна, директно се потврдува со успешното одржување на самитот во Охрид.

Претседателката ја акцентираше широката и плодна соработка во економијата, посочувајќи дека Србија континуирано се наоѓа меѓу десетте најголеми трговски партнери на Македонија.

За двајцата универзитетски професори, образовната, научната и културната соработка претставуваат голем заеднички предизвик.

Соговорниците заклучија дека македонската заедница во Србија и српската заедница во Македонија претставуваат цврст мост на трајно пријателство и зближување меѓу двата народа.