Случај со барање за поништување на казна за возило „Ауди“

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против полицискиот службеник И.Д. за сомневање за „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Според пријавата, на 25 март 2026 година околу 17:00 часот, И.Д. кој работи како помлад полицаец во Битола, отишол во јавно претпријатие надлежно за паркирање и јавен превоз.

Таму се претставил како полициски службеник и побарал поништување на налог за наплата за нерегуларно паркирање на возило „Ауди“ кое е во сопственост на неговиот брат.

Во документот навел „МВР“ како образложение

Во барањето за поништување на казната, во делот за образложение, тој рачно навел „МВР“.

Со тоа, според наводите, внел неточни информации со цел да создаде впечаток дека возилото е службено и да ја избегне наплатата на казната.

Покрај кривичната пријава, од внатрешната контрола најавуваат и предлог за поведување дисциплинска постапка против И.Д.