Полицаец е повреден откако бил физички нападнат, фатен за раката и влечен со возило во близина на граничниот премин „Блаце“. Инцидентот се случил вчера при обид на полициска екипа да запре товарно возило натоварено со разновидна криумчарена стока. Засега не е познато каде заминале лицата што го нападнале полицаецот.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил околу 17 часот, на патот од граничниот премин „Блаце“ кон Скопје, во близина на местото викано „Вражји Вир“.

Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи – Север забележале товарно возило „фолксваген транспортер“ со странски регистарски ознаки, натоварено со разновидна криумчарена стока.

Возачот не застанал на дадениот полициски знак и продолжил да се движи, но по кратко време полицијата успеала да го запре возилото.

Додека полициските службеници се обидувале да го приведат возачот, на местото пристигнало друго возило. Од него излегло лице кое физички нападнало еден од полицајците.

Во текот на инцидентот, едно од лицата го фатило полицаецот за раката, по што тој бил влечен од возилото со кое управувало другото лице. Потоа бил пуштен, паднал на земја и се здобил со повреди.

Напаѓачите го напуштиле местото, а засега не е познато каде се наоѓаат.