Јавното обвинителство спроведува сослушување на осомничените и сведоците, додека полицијата ја обезбедува потребната доказна материја. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, потврди дека трае истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, а улогата на полицијата е да ги реализира барањата на обвинителите.
„Во согласност со насоките од Јавното обвинителство, се преземаат сите неопходни мерки. Според моите сознанија, ЈО веќе разговара со низа сведоци поврзани со настанот. Истрагата е во тек, се собираат докази и полицијата постапува согласно упатствата од обвинителството“, истакна Тошковски.
Од страна на Јавното обвинителство оваа недела беше соопштено дека се врши сослушување на осомничените – дел од нив во Скопје, дел пред обвинителството во Кочани. Паралелно се сослушуваат и сведоци, чиишто број достигнува околу 300, при што се извршуваат вештачења на одземени компјутери, мобилни телефони и дополнителна документација.
Шефот на обвинителството најави дека истрагата ќе биде завршена во рокот од три месеци, по што, најдоцна до средина на јуни, ќе биде поднесено обвинението со конкретизирани обвинителни акти – кој колкумина и за кои кривични дела ќе бидат гонети.
Опозициската СДСМ денеска повторно ги повика пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат предлог-законот за финансиска помош и поддршка на семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани. Според нив, законот треба да се однесува и на семејствата погодени во Ласкарци и Беса Транс, како израз на човечност, солидарност и грижа.
„Овој закон не е политичка игра, туку конкретна поддршка за оние кои најмногу имаат потреба. Го повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да ги остави партиските интереси по страна и да гласа за мерка што ја потврдува нашата хуманост“, порачаа од СДСМ.
Од владејачката партија возвратија дека СДСМ покажува лицемерие, грижата за граѓаните им е само декларативна, а нивниот врвен мотив е политички ќар. Претходно најавија дека нема да го поддржат законот, но дека ќе ги удвоат средствата за проекти во Кочани, ќе обезбедат две нови фабрики со 1.000 вработувања и ќе продолжат да ги покриваат трошоците за лекување на повредените.
„Во овие тешки времиња, токму тие кои молчеа за модуларната болница, Ласкарци, Беса Транс, Онкологија и справувањето со ковид-кризата, денес зборуваат за морал и правда? Правда ќе има, одговорност ќе има, но овој пат таа нема да се влече низ кабли или да зависи од пајак“, порача ВМРО-ДПМНЕ.
Во истрагата за трагедијата во Кочани, во која се води постапка за тешки дела против општата безбедност, како осомничени се повикуваат повеќе поранешни министри, градоначалници и директори на институции одговорни за функционирањето на дискотеката „Пулс“.