Еврокомесарот Илва Јохансон, која синоќа во Варшава разговараше со полскиот министер за внатрешни работи и администрација Мариуш Камињски, рече дека го покренала прашањето за потребата од поголема транспарентност и гаранции и дека сите прописи се во согласност со законодавството на ЕУ.

-Се согласувам дека ова е агресивно однесување на Лукашенко и дека имаме работа со очаен режим и дека е важно Европската унија да биде обединета и остро да му одговори. Меѓутоа, изразив стравување дека мора да покажеме дека сме понакви од него и дека имаме други вредности и прописи, рече Јохансон.

Еврокомесарката за полската приватна телевизија ТВН24 изјави дека ЕУ има информации дека на полско-белоруската граница не е се во согласност со законите.

-Знам дека Полска има свои сили, гранична служба, но заради транспарентноста ќе биде потребно присуството на Фронтекс. Го замолив министерот да разгледа се да биде транспарентно и да ги пушти медиумите на границата, додаде Јохансон.

Министерот Камињски по средбата оцени дека тоа е вештачки проблем бидејќи, според него, Фронтекс има седиште во Полска и полските власти се во постојан контакт со оваа агенција на ЕУ околу ситуацијата на границата, иако нема стражари на Фронтекс на границата со Белорусија.

 

-Полска има своја стража и полиција. Таа соработува со Фронтекс во Литванија и на Балканот и обезбедува опрема. Тезата за недостаток на соработка е вештачки проблем, рече Камињски.