Мисирките наречени Слобода и Пердуви беа поштедени од судбината да завршат на празничната трпеза за Денот на благодарноста. На традиционалниот настан организиран на Јужниот тревник на Белата куќа присуствуваше само мисирката Слобода.

Американската јавност претходно имаше можност да гласа преку интернет за да одлучи која од птиците, кои потекнуваат од Западна Вирџинија, ќе ја добие честа да се појави на официјалната церемонија. По завршувањето на настанот, предвидено е двете мисирки да го поминат остатокот од својот живот на Универзитетот Тексас А&М.

Откако упати честитки до американските граѓани за претстојниот Ден на благодарноста и потсети на резултатите од работата на својата администрација, Трамп ја спушти раката врз белата мисирка и официјално го прогласи помилувањето.

„Честитки“, ѝ рече Трамп на птицата додека ги допираше нејзините задни пердуви.

На свеченоста присуствуваа и сопругата Меланија Трамп, како и претставници и соработници од администрацијата. За време на обраќањето беше најавено дека следната година оваа церемонија ќе се одржи во новоизградената сала за бал во Белата куќа.

Според евиденцијата на Белата куќа, станува збор за 79-то помилување на мисирка во американската историја, иако овој чин стана официјална годишна традиција од 1989 година, за време на мандатот на претседателот Џорџ В. Буш.