Помпео ова го изјави неколку дена откако сегашниот претседател на САД, Џо Бајден, нареди да се спроведе разузнавачки процес за да се утврди потеклото на ковид-19 вирусот во следните 90 дена.

– Со сигурност можам да кажам дека знаеме дека луѓето од таа лабораторија биле вклучени во соработка со Народноослободителната армија. Значи, таму во исто време се одвивале и воени активности , иако тие тврдеа дека станува збор за исклучително цивилни истражувања – изјави Помпео.

Тој додаде дека Кина одбила да каже на што работат, а го одбила и пристапот на Светската здравствена организација (СЗО), заклучувајќи дека самата операција укажува дека таму се случуваат многу работи што не се познати.

– Таа лабораторија за тестирање на вируси сè уште е таму и работи. Најверојатно таму се прават тестовите што доведоа до протекување на коронавирусот од лабораторијата. Само кинеската комунистичка партија го знае одговорот, но целиот свет заслужува одговор и тие треба да ни кажат што се случило – рече Помпео.

Тој изрази задоволство од наредбата на Бајден да се испита потеклото на вирусот.

– Се надевам дека истрагата ќе се спроведе сериозно. Разузнавачите ја следат оваа состојба многу подолго од 90 дена – рече поранешниот директор на ЦИА.

Од почетокот на пандемијата минатата година, Помпео се залагаше за теоријата дека вирусот протекол од лабораторијата во Вухан, пренесуваат американските медиуми.

– Од пролетта 2020 година, постојат докази дека коронавирусот потекнува од лабораторија. Знаеме дека имало луѓе кои се разболеле таму, научници кои се разболеле таму – рече Помпео, додавајќи дека вирусите во лабораториите биле модифицирани да бидат заразни и потенцијално смртоносни и дека сегашната администрација мора да го испита тоа.