Сергеј Попов нагласи дека јавните повици за младите повеќе не зависат од партиска блискост, туку се отворени и правично достапни


Пратеникот Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, учествуваше на трибина во Скопје. Темата беше: „Како политиките на ВМРО-ДПМНЕ ја подобрија положбата на младите во првата година од владеење?“

Попов посочи дека повиците денес се фер и достапни за сите. Според него, тоа е суштинска разлика од претходната власт, кога важеше принципот „прв дојден, прв услужен“.

„Оперативниот план го гледам низ две призми. Прво, Владата е целосно посветена и го наменува за младите во Македонија. Второ, младите се мотивирани да аплицираат и да ги користат мерките“, изјави Попов.

Тој додаде дека младите сега имаат поголема доверба во државата. „Денес младите имаат доверба да влезат во интеракција со институциите,“ истакна тој.

Попов се осврна и на периодот на претходната власт. Потсети дека тогаш, иако имало мерки за самовработување, јавните повици не биле достапни за сите.

„Нема веќе ‘прв дојден, прв услужен’. Нема веќе јавување на партиски пријатели со пораки: утре во 8 часот почнува пријавувањето,“ рече Попов.

Тој додаде дека тогаш само одредени млади, однапред информирани, стигнувале на време. Другите не знаеле и немале време да подготват документи.

„Поради тоа, сите знаевме однапред кај кого ќе завршат средствата“, заклучи Попов.