–Покрај веќе познатиот паркинг спроти полициска станица означен како П1, оваа сезона се пуштени во целосна употреба и два нови постоечки паркинзи. Паркингот П2 е лоциран под хотел Славија, a Паркингот П3 се наоѓа спроти хотел Скардус. Истите се обележани со соодветна сигнализација и континуирано ќе се одржуваат од службите на Ски-центарот. Апелираме до граѓаните да ги користат овие паркинг места за да се спречи создавањето на сообраќаен хаос којшто го имаме со години, особено за време на зимската сезона, информира Живко Алексовски, раководител на ски-центарот Попова Шапка.

Од ски-центарот соопштија и дека е направен координативен состанок со претставници на полицијата со цел да се најдат решенија за сообраќајниот метеж и паркирањето во екот на сезоната.

–Главна тема на состанокот беше регулирање на сообраќајот и насочување на посетителите на означените паркинзи без наплата П2 и П3 со цел намалување на гужвата низ Ски-центарот и одржување на ред во сообраќајот. Исто така, се разговараше и за безбедноста на скијачите на ски – патеките, односно контрола на движењето на моторните санки и АТВ возилата кои се во приватна сопственост, а кои согласно Законот за скијалишта не смее да се движат на ски патеките, информираат од ски-центар Попова Шапка.

Оваа зимска сезона на Попова Шапка ќе има дополнителни места за паркирање, информираат од ски-ценарот. Станува збор за две нови локации на ски-центарот кои се адаптирани за паркиралишта.