Единаесет аеродроми во Франција беа евакуирани денеска поради дојави за поставена бомба, потврди француската цивилна авијација.

На некои аеродроми е во тек евакуација на луѓе, а на некои аеродроми веќе се евакуирани патниците и персоналот. Други, пак, продолжија да работат по извршените проверки, соопштија повеќе извори.

Министерството за внатрешни работи соопшти за францускиот весник „Ле Парисиен“ дека „неколку аеродроми добиле закани за напад“ преку е-пошта, додавајќи дека „се применува принципот на претпазливост“ и дека аеродромите се евакуирани заради безбедносни проверки.

Дојавите за поставени бомби во Франција следат откако млад радикализиран исламист во петокот уби професор на северот на земјата. Поради зголемената опасност од нов напад, безбедносната тревога во земјава е подигната на највисоко ниво.