Австрискиот претприемач Бернд Бергмаир побара од американското Министерство за финансии да се произнесе околу можноста тој да стане купувач на дел од глобалните средства на руската нафтена компанија Лукоил. Оваа компанија се соочува со санкции од САД. Овој интерес доаѓа во момент кога Вашингтон ги заострува мерките. Мерките се насочени кон притисок врз Москва да ја запре војната во Украина. Ова ја доведе компанијата до најави за распродажба на прекуокеанските операции.
Како што пренесуваат извори, повеќе компании побарале дозвола за разговори со Лукоил. Меѓу нив се и гигантите Ексон Мобил и Шеврон. Бергмаир, преку својот правен застапник, одби да наведе за кои трансакции конкретно е заинтересиран. Тој не откри дали веќе имал контакт со руската компанија или дали настапува сам или како дел од конзорциум. Сепак, тој за Ројтерс изјави:
„Lukoil International GmbH секако би била одлична инвестиција и секој би имал среќа да дојде во позиција да го поседува тој имот.“ Потоа додаде: „По правило не коментирам потенцијални инвестиции“.
Интересот околу имотите на Лукоил се засили откако Министерството за финансии на САД минатиот месец им дозволи на заинтересираните компании да започнат преговори. Одобрението важи до 13 декември. Секое можно преземање ќе мора да добие официјална согласност од институцијата.
Lukoil International GmbH, со седиште во Виена, располага со рафинерии во Европа и удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак и Мексико. Тие имаат и широка мрежа на бензински станици. Според податоци од 2024 година, вредноста на овие средства се проценува на околу 22 милијарди долари. Од Министерството за финансии на САД засега не откриваат дали Бергмаир веќе ги контактирал.
Познат како поранешен мнозински сопственик на MindGeek – компанијата која управува со Pornhub, RedTube и YouPorn – Бергмаир ја продаде групацијата во 2023 година на канадски инвестициски фонд за непозната сума. Претходно работел како инвестициски банкар во Goldman Sachs во Њујорк во текот на 1990-тите. Потоа премина во приватни инвестиции. The Sunday Times Rich List во 2021 година го процени неговото богатство на најмалку 1,2 милијарди фунти.
