Португалскиот премиер Антонио Коста одобри зголемување на минималната плата за шест отсто, порачувајќи, четири недели пред парламентарните избори, дека планираат нов циклус зголемувања следната година.
-Од денеска, околу 880.000 вработени ќе имаат корист од зголемувањето на месечната национална минимална плата на 705 евра, напиша лидерот на Социјалистичката партија на Твитер.
Ова е „зголемување од 40 евра – најголемо во историјата на Португалија“, нагласи Коста.
Пресметано по час, новата минимална плата е околу 4,40 евра.
-Минималната плата се зголеми за 40 отсто откако јас ја презедов функцијата пред шест години, вели Коста, повторувајќи дека нивната цел е да ја зголемат на 750 евра во 2023 година.
На почетокот на ноември, португалскиот претседател Марсело Ребело де Соза распиша избори за 30 јануари, откако Парламентот не го усвои предлог-буџетот на Коста за 2022 година. Редовните избори беа закажани за следната есен.